Top Sport

Клоп: Ќе имаме вистинско финале

„Би бил луд кога би помислил дека имаме предност над Тотенхем“, со овие зборови Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, ја започна прес конференцијата во Мадрид, во пресрет на финалниот меч во Лигата на шампионите.

Ливерпул утре ќе се обидат да не им се повтори ланската сезона кога останаа без трофеј. Лани во финалето Реал ги победи „црвените“ со 3:1, оваа година во завршниот меч за противник ќе имаат тим од Премиер лигата.

„Знам дека луѓето зборуваат дека ние сме фаворити бидејќи во лигата сме освоиле повеќе поени. Но, нашите натпревари завршија со резултат 2:1. Немаме никаква предност пред овој меч. Би бил луд кога би помислил дека имаме предност“, рекол Клоп.

Утре Германецот ќе го игра своето трето финале во Лигата на шампионите, во првите две не успеа да ја освои титулата, со Дортмунд загуби од Баерн (1:2), а со Ливерпул од Реал (1:3). Оваа традиција исто така е предмет на разговорите во фудбалските кругови.

„Сите околности беа различни во тие две финалиња. Тимовите беа различни. Доколку јас бев причината за поразите тогаш ние треба да бидеме загрижени. Минатата година пресуди неверојатниот гол на Герет Бејл и два чудни гола што во нормални околности немаше да ги примиме“, рекол тренерот на Ливерпул.

„Сега сме една година постари. Играчите како Трент Александер-Арнолд имаат по 50 натпревари сезонава во своите нозе. Лани самите бевме изненадени што стигнавме до финалето, бидејќи не бевме толку константни како што сме оваа година. Во финалето ќе играат две одлични екипи. Многу го почитувам Покетино. Тој има талентирана група на фудбалери. Начинот на кој напредуваат е неверојатен. Ќе имаме вистинско финале“, заклучил Клоп.

Scroll to Top