Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп продолжи со својата „крстоносна војна“ против напорниот распоред во Премиер лигата, напаѓајќи го поранешниот капитен на Манчестер јунајтед, а сега коментатор на „Скај спортс“, Гери Невил за неговото тврдење дека бара предност пред ривалите со барањето за пет замени.
Клоп подолго време се бори против ТВ-мрежите и Премиер лигата за напорниот распоред, посебно сега пред празничните денови, откако повеќе негови фудбалери се повредија, но Невил минатиот викенд сметаше дека ова е само за барање на конкурентна предност.
„Го слушнав тоа што го кажа Гери Невил, го разбрав, но тој не сфаќа дека ова не е за Ливерпул. Тоа можеби би го направил тој или така би се однесувал во таква ситуација, но јас не сум за него, јас зборувам за сите фудбалери, не само моите. Не се работи за Ливерпул, бидејќи искрено во моментов немам пет фудбалери кои би ги внесол во игра, ако не се работи за јуниори. Мораме да се справиме со оваа ситуација со КОВИД на најдобар можен начин и тоа не можеме да го игнорираме само бидејќи некој би кажал дека јас би добил предност“, изјави Клоп.
Клоп во саботата повторно влезе во расправија со новинарите, овојпат со репортерот на „БТ спорт“, Дес Кели, откако Џејмс Милнер се повреди при 1:1 ремито со Брајтон. Тој е последен на листата на повредени играчи на „црвените“ по Вирџил ван Дајк, Џо Гомез и Трент Александер-Арнолд.