Top Sport

Клоп: Не сме Сити и ПСЖ, немаме пари за трошење

Менаџерот на Ливерпул Јирген Клоп уште еднаш истакнал дека не очекува големи засилувања во овој преоден рок. Ливерпул од почетокот на летото не се поврзува со ниту едно звучно име.

Досега во Ливерпул пристигна само Сеп ван ден Берг од Зволе за 1,3 милиони евра, а постојат шпекулации дека Клопе бил заинтересиран за најмладиот дебитант во историјата на Премиер лигата, Харви Елиот од Фулам.

„Опуштени сме кога се во прашање трансферите. Ќе видиме што ќе се случува. И претходно кажав дека ова нема да биде значаен преоден рок за нас. Во последните две години вложивме многу во тимот, не можеме секоја година да трошиме големи суми на пари. Луѓето зборуваат дека би можеле да потрошиме уште 300 или 200 милиони. Сепак такви трошења секоја година можат да си дозволат само два клуба во светот, Сити и ПСЖ, иако се чини дека некогаш во таа група се и Барселона и Реал“, рекол Германецот и дополнил.

„Задоволен сум со она што го имам. Можеби ќе се засилиме со еден играч на одредена позиција, секако доколку најдеме играч за кого сметаме дека ќе одговори на задачата. Меѓутоа имаме решенија и доколку не донесеме ниту еден нов фудбалер. Дали ќе бидат сите среќни? Не, бидејќи луѓето очекуваат да имаме врвни играчи и на клупата, а тоа не е лесно да се направи“.

Минатата сезона Ливерпул ја освоија Лигата на шампионите, а во Премиер лигата завршија втори со бод помалку од Манчестер сити.

Scroll to Top