Јирген Клоп инсистира дека не е заинтересиран да го замени Јоаким Лев на клупата на германската репрезентација, но признава дека ќе размисли за тоа кога ќе заврши неговиот договор со Ливерпул.
Шпекулациите дека работата на Лев е несигурна се зголемија по 6:0 поразот од Шпанија во меч од Лигата на нации, и 53-годишниот Клоп според многумина е „природната замена“, откако во минатото признаваше дека еден ден би сакал да го предводи „маншафт“.
„Ова сигурно е едно од најпоставуваните прашања во мојот живот. Во иднина, можеби. Сега? Не, немам време за тоа, имам работа, која е доста интензивна. Не сум сигурен дека некој ме прашал за таа работа, но ако не знаат, имам работа во Ливерпул. И, иако сега повторно е лошо времето тука, мене ми се допаѓа. Одговорен сум за многу работи и не барам нов предизвик, ги имам доволно секое утро“, вели Клоп, кој има договор со Ливерпул до 2024 година.