Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп сака да верува дека освојувањето на титулите во Премиер лигата само што започнува за неговиот тим, но признава дека е невозможно да се повтори доминацијата на Манчестер јунајтед под Сер Алекс Фергусон.
Ливерпул имаат 22 поени предност пред Манчестер сити пред вечерниот дуел на „Гудисон парк“ против лутите ривали Евертон. Тие се блиску до првата домашна титула од 1990 година, со што би дошле на 19 трофеи, еден помалку од рекордот на „ѓаволите“, кои освоија 13 титули од Премиер лигата од 1992 до 2013 под Фергусон.
„Мислам дека повеќе не е возможно да доминирате, да бидам искрен. Јунајтед имаа добра комбинација, со исклучителен менаџер со добро око за фудбалери и фантастичен тајминг. Замените кои ги наоѓаше секогаш беа исклучителни, а тука беа и парите, секако. Но, и ние направивме нешто добро засега, тоа е очигледно. Ќе мораме да направиме многу да останеме на врвот. Другите нема да сопрат. Јунајтед ќе се вратат, Челси исто така. А кога ги видов Манчестер сити како го победуваат Арсенал си помислив како е можно да имаме 22 поени пред нив“, вели Клоп.