Ливерпул оваа сезона се сметаат за најсериозен кандидат за преземање на титулата во Премиер лигата од Манчестер сити, и сега поминуваат точно три години откако го донесоа Јирген Клоп од Борусија Дортмунд во октомври 2015 година за да ги донесе во ваква ситуација.
Критичарите ќе кажат дека во овие три години Клоп не успеа да донесе ниту една титула на „Енфилд“, но затоа 51-годишниот Германец лани ги предводеше до финалето од Лигата на шампионите, а откако потроши уште 100 милиони фунти ова лето, тимот има 20 поени од 24 можни, најдобар старт на сезона во последните неколку децении.
„Во Ливерпул, ентузијазмот се чувствува кај сите и мораме да го задржиме тоа. Има многу поважни работи во животот од фудбалот, но кога ќе отидеш на фудбалски натпревар, нема ништо поважно. Секогаш сум велел дека е посебно што можам да го доживеам тоа. Да се биде навивач или вработен на Ливерпул во моментов е фантастично“, вели Клоп.
Покрај финалето од ЛШ, Клоп ги однесе „црвените“ до уште две финалиња – од Лига Европа и од Англискиот лига-куп, но признава дека е потребно да се освои титула.
„Никој не сака да погледне наназад по 10 или 20 години и да каже дека најдобро беше кога тренер беше Клоп и не освојувавме ништо, но беше забавно. Тоа не е мојата цел. Но, времињата се сменија и сега е многу потешко да се дојде до трофеј. Можеби сме најдобри по подолго време, но и другите клубови направија голем чекор напред. Во многу спортови, второто место на Олимпијадата носи сребро, но во фудбал второто место е ништо. Сакам да освојувам титули и мислам дека тоа ќе го направиме“, вели Клоп.