Сите во Ливерпул ќе го чувствуваат дополнителниот притисок да донесат трофеи оваа сезона по големите засилувања кои ги донесоа „црвените“, признава менаџерот Јирген Клоп.
Германецот ќе ја почне третата целосна сезона на чело на Ливерпул и и покрај прогресот и пласманот во финалето на ЛШ минатата сезона, досега нема освоено ниту една титула.
„Јасно е дека луѓето сега го чекаат следниот чекор напред и мораме да бидеме подготвени на тоа. Знам дека има големи очекувања и тоа е нормално. Прво мораме да играме фудбал со кој ќе имаме шанси да освоиме нешто. Не можеме да зборуваме за титула пред да почне сезоната“, вели Клоп во Њујорк, каде што Ливерпул ги продолжува подготовките.
Последната од 18-те англиски титули на Ливерпул дојде во 1990 година, а последниот голем трофеј беше Лига купот во 2012 година. Клоп со „црвените“ имаше три финалиња, но трите ги загуби – Лига купот во 2016 на пенали од Манчестер сити, Лига Европа во 2016 од Севилја (3:1) и ЛШ од Реал Мадрид оваа година со 3:1. Сезоната, „црвените“ ја завршија на четвртото место со 25 поени помалку од Манчестер сити.
Ливерпул донесе четири големи засилувања оттогаш – голманот Алисон (Рома), играчот од среден ред Наби Кеита (РБ Лајпциг), дефанзивниот играч од среден ред Фабињо (Монако) и крилото Џердан Шаќири (Стоук).
„Мораме да бидеме попостојани, да имаме длабочина во тимот и да очекуваме големи работи. Амбицијата е тука“, вели 51-годишниот Клоп.