Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп потврди дека Мохамед Салах е неизвесен за настап на Мундијалот во Русија откако доби повреда на рамото при дуелот со Серхио Рамос при поразот од 3:1 од Реал Мадрид.
Суперѕвездата, кој требаше да ги носи египетските надежи на СП во Русија, веднаш бил однесен во болница за да се утврди сериозноста на повредата, и Клоп ги потврди најлошите стравувања.
„Да, неизвесно е дали ќе оди во Русија. Неверојатно. Има некаков проблем со рамото, но не е јасно дали е клучната коска или изместување на рамото. Но, повредата е сериозна, навистина сериозна“, призна Клоп.
Германскиот тренер исто така призна дека поразот му паднал тешко.
„Сѐ беше супер до вечерва. Имавме вистинска шанса и не ја искористивме и тоа е тоа. Момците го дадоа својот максимум, но сценариото вечерва не ни одговараше“, додаде Клоп.
Фото: ЕПА