Јирген Клоп признава дека не бил премногу импресиониран кога првпат го сретнал својот фудбалер Садио Мане, бидејќи Сенегалецот „изгледал како рапер“.
Мане пристигна во Ливерпул една година подоцна од Клоп и стана клучен фудбалер во неговиот тим со 77 гола во 161 настапи помагајќи да се освои титулата од Лигата на шампионите минатата година. Но, Клоп го забележал Сенегалецот пред тој трансфер во 2016, велејќи дека сакал да го донесе во Борусија Дортмунд од Ред бул Салцбург, откако тој ја освоил титулата со австрискиот клуб.
Клоп, сепак, решил да не го земе поради неговиот изглед, дозволувајќи Саутемптон да ја направи зделката и потоа убаво да профитира од него продавајќи го на Ливерпул.
„Се сеќавам кога првпат се сретнав со Садио додека бев во Дортмунд. Тој беше младо момче со искривена безбол капа и со руси прамени во косата. Изгледаше како рапер кој почнува со кариерата и си помислив: ’немам време за ова’. Немавме лош тим и ми требаше некој кому не му пречи да не биде стартер и кого можам да го развивам. Се гледа дека имам добро чувство за луѓе! Ја следев неговата кариера и тој потоа блесна со Салцбург и доминираше со Саутемптон. Кога дојде во Ливерпул веќе беше голем фудбалер“, вели Клоп.