Top Sport

Клоп: Сфаќам дека луѓето се лути, но сега никој не смее да оди сам

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп вели дека не го сменил мислењето за штетноста на Суперлигата, но побара навивачите да застанат зад клубот и покрај тоа што тие денеска се појавија пред „Енфилд“ со протест против елитното натпреварување.

„Моите мислења не се сменети. Јас вчера првпат слушнав за ова, и поважно ми беше да се подготвам за мечот со Лидс. Имаме информации, но не многу. Повеќето од весниците. Луѓето не се среќни и го разбирам тоа. Не можам да кажам повеќе бидејќи не сум вклучен во процесот. Ниту јас, ниту фудбалерите. Ќе видиме што ќе се случи. Имам 53 години и откако сум во професионалниот фудбал, Лигата на шампиони беше тука. Ми се допаѓа конкурентниот аспект на фудбалот. Ми се допаѓа што Вест хем може да играат Лига на шампиони. Не сакам да играат, бидејќи сакам Ливерпул да играат, но сакам да имаат шанси. Што да кажам. Не е лесно“, вели Клоп.

Ливерпул беше посебно критикуван за оваа одлука поради богатата историја на клубот, но и тврдењето дека се работи за локален клуб кој се „фали“ дека е од народот.

„Ливерпул ФЦ е многу повеќе од некои одлуки. Најважно за фудбалот се навивачите и тимот. Мораме да осигураме ништо да не застане меѓу нас. Никој не смее да оди сам во моментов. Има работи кои немаат врска со фудбалот, но во тешките моменти треба да стоите заедно. Не значи дек се согласувате тоа, но момците на теренот не направија ништо погрешно. Тоа мора да го знаат сите. Сфаќам целосно. Јас сум во поинаква ситуација. Не ги имам сите информации. Не знам што точно направија 12-те клуба. Знам дека некои работи во фудбалот ќе се менуваат и тоа мора да се случи. Потребно е време“, вели Клоп.

Scroll to Top