Top Sport

Клоп: Сити е најдобриот тим во светот, а го предводи најдобриот тренер

Манчестер Сити и Ливерпул утре ќе ја имаат големата пресметка на „Етихад“, која може да разреши многу дилеми во трката за шампионската титула. Менаџарот на „црвените“, Јирген Клоп, вели дека Сити е најдобриот тим на светот, предводен од најдобриот тренер на светот.

„Да бидам целосно искрен, мислам дека тие се најдобриот фудбалски тим во светот, предводени од најдобриот тренер на светот. Но, во монентот тие имаат само еден бод повеќе од нас, па очигледно дека и ние направивме нешто како што треба“, вели Јирген Клоп.

Очекува неизвесен натпревар, а признава дека притисокот е присутен кај двата тима.

„Мислам дека тие не се под поголем притисок од нас. Играат дома, мирни се и одлучни на поголемиот тек од натпреварите. Со нетрпение го очекуваме натпреварот, но, на крајот, нема да се разликува од ниеден друг натпревар. Едно е јасно, мислам дека силен противник најмногу помага во спортот, така и Надал и Федерер уживаа во ривалството што го имаа. Поради квалитетот на едниот, се развива и другиот. Така е во спортот, така е и со нас во Премиер – лигата“, истакна германскиот стратег.

Scroll to Top