Јирген Клоп вели дека „сочувствува“ со англиските фудбалски фанови кои навиваат Ливерпул да не ја освои својата прва титула по 29 години. „Црвените“ се на првото место на табелата во Премиер лигата со четири поени пред актуелните шампиони Манчестер сити пред натпреварувачкиот викенд.
Иако беа доминантна сила во старата англиска Прва дивизија, Ливерпул немаат освоено титула во Премиер лигата од основањето во 1992/93, бидејќи последниот трофеј дојде во 1989/90 и фановите чекаат речиси три децении за ваков успех.
Ова предизвика активно навивање против Ливерпул од страна на многу фанови, но Клоп вели дека тоа не го мотивира, туку додава дека има симпатии кон тие кои навиваат против неговиот тим.
„Никогаш не сум помислил за формирање на менталитет ’ние против светот’. Јас сакам да победувам, а не некој друг да загуби. Ако луѓето мислат дека нешто добиваат од тоа ние да не ја освоиме титулата, сочувствувам со нив. Не можам да ги користам за мотивација бидејќи не сум заинтересиран за такви луѓе. Ако победам, победам и сум го заслужил тоа“, вели Клоп.
Тој вели дека дури и навивачи на Евертон му кажувале дека немаат проблем Ливерпул да ја освои титулата, но признава дека во блискиот Манчестер нема многу фанови.
„Не знам кој размислува така, но најверојатно во Манчестер немаме многу навивачи. Не е изненадување таму да не сакаат да победиме“, додава Клоп.