Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп не е среќен поради ремито со Кристал Палас, но е свесен дека и бодот е добар по се што се случуваше на теренот. Ливерпул одигра 1:1 со гостите од Лондон и тоа откако успеа да израмни со играч помалку. Кристал Палас поведе со голот на Заха од брилијантен контра напад, домашните ја анулираа предноста благодарение на индивидуалната акција на Луис Дијаз.
Мечот го обележа црвениот картон на најскапото засилување на Ливерпул, Дарвин Нуњез. Уругваецот без топка го нокаутира Јоаким Андерсон.
„Имавме позитивен разговор на полувремето. Се беше на свое место и потоа добивме црвен картон. Тоа беше провокација од страна на нивниот играч, но и заслужен црвен картон. Влеговме во неволја, но за среќа Луис постигна светски гол. Секако дека не сме задоволни со освоениот бод, но со оглаед на тоа во каква ситуација се наоѓавме треба да бидеме задоволни.
Дарвин Нуњез се соочи со критики од англиските медиуми уште од првиот ден. Тој игра под голем притисок поради огромните пари платени за неговиот трансфер и неблагодарната улога да го замени големиот Садио Мане.
„Некој ме праша пред натпреварот дали Дарвин треба да стартува? Реков да, бидејќи немаме друг напаѓач, а исто така е добар“, изјави Клоп.
Уругваецот се уште чека брифинг со „газдата“.
„Не можам да негирам дека тоа беше црвен картон. Се разбира, така не треба да се однесува. Ќе го оставам сам да отспие, потоа ќе разговарам со него“, изјави германскиот селектор.
Екипата на Ливерпул веќе во третото коло има дерби со најголемиот ривал Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“.