Top Sport

Клоп за Мурињо: Тој е најуспешниот на светот, Мурињо за Клоп: Каде му се трофеите?

Јирген Клоп очекува неговите Ливерпул, во моментов на врвот на Премиер лигата, да го совладаат својот најголем ривал, Манчестер јунајтед в недела на „Енфилд“, но тоа не значи дека Германецот ќе покаже непочитување кон Жозе Мурињо, велејќи дека останува „голем фан“ на неговата работа.

„Не мислам дека некогаш му недостасувало амбиции на Жозе Мурињо. Тој секогаш го прави тоа што мисли дека е исправно во моментов и затоа е најуспешниот менаџер на светот“, изјави пред неделното дерби, Клоп за „Скај спортс“.

Од друга страна, Мурињо, не беше подготвен за вакви „великодушни“ изјави околу својот ривал. Португалскиот тренер постојано потсетува дека зад себе има три трофеи од Премиер лигата (освоени со Челси), нешто што ниту еден активен менаџер го нема направено.

Португалецот потсети дека Клоп, и покрај тоа што стана миленик на навивачите на Ливерпул и ги направи сериозни конкуренти за титулата, уште нема освоено ниту еден трофеј за клубот.

„Да, мислам дека трофеите се важни, секако. Посебно кога имате потенцијал да се борите за трофеите, а постојано не успевате да стигнете до таа цел“, „боцна“ Мурињо.

Како и да е, Јунајтед во неделниот меч влегуваат со 16 поени заостанување зад Ливерпул, нешто што последен пат се случило пред повеќе од 28 години.

Scroll to Top