Top Sport

Мечевите на клубовите од Џенова откажани, но Серија А ќе стартува (ОБНОВЕНО)

По вестите дека дел од клубовите побарале одложување на стартот на италијанското првенство, Серија А, лигата официјално потврди дека дуелите Сампдорија-Фиорентина и Милан-Џенова се откажани, но дека другите мечеви ќе се одржат.

Ова доаѓа по трагедијата во Џенова и рушењето на мостот во кој загинаа 40-тина луѓе, а многу повеќе се повредени.

Сампдорија веќе побараа одложување на нивниот меч со Фиорентина поради деновите на жалост во градот, а навивачите на Џенова јавно објавија дека нема да патуваат во Милано, каде што нивниот тим треба да ја почне сезоната во дуел со Милан. И навивачите на Фиорентина објавија дека доколку не се одложи мечот со Сампдорија, тие нема да патуваат во Џенова бидејќи „болката на оваа трагедија не треба да се прослави со фудбалски меч“.

Серија А ќе почне во сабота со дуелите Киево-Јувентус и Лацио-Наполи, а истиот ден се одржува и јавниот државен погреб за жрвтите.

„Мечевите на клубовите Сампдорија и Џенова по трагедијата која ја погоди Џенова, и со согласување на Фиорентина и Милан, нема да играат овој викенд. Другите мечеви во Серија А, во знак на почит кон жртвите во Џенова ќе почнат со минута молк, а тимовите ќе носат црни ленти на ракавите“, објавија од Серија А.

 

 

Scroll to Top