Хрватска имаше одличен старт на Мундијалот во Русија и направи голем чекор кон пласман во втората рунда, откако со 2:0 ја совладаа незгодната Нигерија за да избијат пред Исланд и Аргентина на првото место во групата Д.
„Коцкестите“ имаа подобар старт на натпреварот, но шансите пред двата гола беа ретки сѐ до 33. минута кога ударот на Марио Манџукиќ со глава заврши во нозете на Огенекаро Етебо и зад грбот на нигерискиот голман. Првото полувреме целосно беше во знакот на Хрватска, а Нигерија стана втора африканска нација која си постигна автогол на Мундијалот, по автоголот на Мароканецот Бударуз против Иран.
И во второто полувреме иницијативата ја имаа Хрватите, иако имаше запрепастувачка статистика – по еден час игра на стадионот во Калининград, двете репрезентации немаа директен удар кон голот.
Победата беше запечатена во 70. минута од мечот, кога по еден корнер Еконг го собори Марио Манџукиќ, а капитенот Лука Модриќ беше сигурен од белата точка.
За Хрватска ова е одличен старт, а веќе во следниот натпревар „налетуваат“ на „ранетата“ Аргентина, која ќе мора да оди на победа за да ги задржи шансите за пласман понатаму.
Фото: ЕПА