Долгогодишниот капитен на Манчестер сити, Венсан Компани, на медиумите им открил кога му станало јасно дека повеќе нема да го носи дресот на „граѓаните“.
Компани во Сити пристигна од ХСВ во 2008 година, во време кога во клубот не беа влезени парите од Обединетите Арапски Емирати. Учествувал во освојувањето на сите четири шампионски титули во новата ера на клубот.
Венсан сега се подготвува да го напушти клубот. Последната своја сезона во Сити ќе ја памети засекогаш бидејќи ги освои трите домашни трофеи.
„Во моментот кога против Лестер топката влезе во голот знаев дека завршив со Сити. Не можев да направам ништо подобро. Се што имав и можев му дадов на овој клуб. Не можам да објаснам колку сум горд“, рекол Компани.
Во претпоследното коло во Премиер лигата, Компани го постигна единствениот гол на натпреварот против Лестер. Тој е еден од најубавите голови што оваа сезона се постигнати во Премиер лигата.