Top Sport

Колку денес на фудбалскиот пазар би вределе Пеле, Кројф, Марадона, Пушкаш…

Трансферот на Нејмар од Барселона во ПСЖ за рекордна сума од 222 милиона евра предизвика тектонски нарушувања на фудбалскиот пазар. Цените на фудбалерите достигнуваа луди суми, дури и оние што според квалитетот не се далеку од просечноста. Клубовите некогаш купуваат фудбалер само за тој да не замине во редовите на конкурентите.

Навивачите, оние што вистински ја сакаат фудбалската игра, најчесто со презир гледаат на ваквите трансфери, кои најчесто ги оценуваат како акробатски потези на пребогатите сопственици.

Некогаш работите во фудбалот, кога се во прашање трансферите, не беа ниту приближно на вакво ниво. Многумина се прашуваат колку сега би вределе на фудбалскиот пазар величини какви што беа Пеле, Марадона, Кројф, Малдини, Пушкаш, Бест… ако во денешно време за просечен играч се плаќа и до 50 милиони евра.

Порталот giffgaff.com реши да се занимава со оваа тема. Според одредена формула, луѓето од порталот ја пресметуваа финансиската вредност на легендите во компарација со вредностите на денешните вредности на најскапите фудбалери.

Го споредиле голгетерскиот учинок во одреден период и до одредени години и во споредба со центата што ја достигнале со тогашните трансфери хипотетички ја пресметале вредноста на великаните Пеле, Марадона, Кројф и останатите.

Пеле – 394 милиони евра

Според многумина, најдобриот фудбалер на сите времиња, единствениот во историјата кој три пати бил светски првак со репрезентацијата. Тој денес би вредел 394 милиони евра. До оваа цифра луѓето од порталот дошле споредувајќи го неговиот и учинокот на Нејмар додека напаѓачот не го реализира трансферот во ПСЖ. Според овој параметар, доколку Пеле се родеше половина век подоцна, сега би бил најскапиот фудбалер.

Ференц Пушкаш – 290 милиони евра

Најдобриот унгарски фудбалер на сите времиња и еден од најдобрите во светот. Со Унгарија на почетокот на 50-тите години од минатиот век растураше во светскиот фудбал, а поразот на Унгарија од Германија во финалниот меч на Светското првенство во 1954 година се смета за најголемото изненадување во фудбалската историја.

И Пушкаш е спореден со Нејмар и головите што Унгарецот ги постигнал до својата 25. година. Пушкаш денес би вредел неверојатни 290 милиони евра.

Јохан Кројф – 271 милион евра

Овој Холанѓанец бил играчот што ја сменил филозофијата на фудбалската игра и кој ги постави темелите на она што денес во фудбалот преставува фудбалскиот клуб Барселона. Како играч го предводеше Ајакс до три титули во низа во Купот на европските шампиони, а индивидуално освоил три „Златни топки“. Поразот на Холандија од Германија на мундијалот во 1974 година за многумина е вистинска енигма. До својата 26. година Кројф постигнал 250 гола и доколку се спореди со напаѓачот на Арсенал, Александар Лаказет, денес неговата цена би била 271 милион евра.

Џорџ Бест -176 милиони евра

Репрезентативец на Северна Ирска, веројатно најголемиот и најдобриот фудбалер кој никогаш не настапил на светско првенство. Со Манчестер јунајтед ја покори Европа, а истата година ја освои и „Златната топка“. Сепак, алкохолот и ноќните излегувања ги сакал повеќе од топката. И како таков Бест остави длабока трага во светскиот фудбал. До својата 27. година постигнал 190 гола и доколку се спореди со играч на таа позиција, на пример, Исланѓанецот Гилфи Сигурдсон, неговата цена би била 176 милиони евра.

Мишел Платини -174 милиони евра

Покрај Копа и Зидан, најголемиот француски фудбалер на сите времиња. Сам ја предводеше Франција до титулата на Европското првенство во 1984 година. Тој е икона на Јувентус и освојувач на три „Златни топки“. До 27. година постигнал 225 гола и доколку неговиот учинок се спореди исто така со Сигурдсон, тој би вредел 174 милиони евра.

Паоли Малдини -125 милиони евра

Легендата на Милан и Италија е спореден со најскапиот дефанзивец на денешницата Кајл Вокер и пресметано е дека тој вреди двојно повеќе од бекот на Манчестер сити. До својата 27. година Малдини одиграл 131 натпревар, на кои неговиот тим не примил гол.

Диего Марадона -105 милиони евра

Аргетинецот за многумина е подобар дури и од Пеле. Марадона до својата 24. година постигнал 210 гола, а неговите остварувања се споредени со оние на Ромелу Лукаку. Кога сѐ ќе се пресмета, Ел Пибе денес на фудбалскиот пазар би вредел 105 милиони евра. Прашање е само колку е оваа пресметка реална за човекот што ја водеше Аргентина до светската титула во 1986, а потоа и Наполи до две титули во Серија А.

Scroll to Top