Колумбија го направи тоа што беше потребно, победувајќи го Сенегал со 1:0, кој иако имаше најмногу шанси пред последното коло, на крајот останува без осминафинале поради повеќе жолти картони од Јапонците, кои загубија со 0:1 од Полска.
Бидејќи со овие резултати, Колумбија е прва со 6 поени, а Јапонија и Сенегал имаат по 4 поени и идентична гол разлика (4:4), патникот во осминафинале се одредуваше по бројот на жолти картони – Сенегалците имаат шест, Јапонците четири!
Со ова се познати сите 16 учесници во осминафиналето (Уругвај, Русија, Шпанија, Португалија, Франција, Данска, Хрватска, Аргентина, Бразил, Швајцарија, Шведска, Мексико, Англија, Белгија, Колумбија и Јапонија). Останува да се види со кого ќе играат Колумбија и Јапонија – Колумбија со второпласираниот од групата Г, каде што вечерва играат Белгија и Англија.
Во 12. минута, Колумбија прва се заканува, откако Квинтеро од слободен удар го пронајде „аголот“, но Н’Диаје сигурно ја исфрла топката во корнер. Во 17. минута, српскиот судија Мажиќ суди пенал за Сенегал, но по консултацијата со ВАР се прави проценка дека Санчез не го фаулирал Садио Мане во шестнаесетникот. Уште една ВАР-одлука за дискусија.
It looked like #Senegal would have a penalty, but it was overturned by #VAR.
Challenge by Davinson Sánchez on Sadio Mané in the box.#SENCOL #Colombia #SEN #COL pic.twitter.com/wFIvegfrKL
— Jason Foster (@JogaBonito_USA) June 28, 2018
Сенегал уште еднаш имаше шанса во 27. минута, откако Мане влегува од левата страна, и додава до Кеита, кој го погодува само голманот Оспина. Во 31. минута, Хозе Пекерман прави измена и го вади од игра лутиот Хамес Родригез, кому ништо не му одеше од нога. Останува да се види дали се работи за повреда или за тактичка одлука.
Колумбија воошто не импресионираше во првото полувреме, но во второто имаше повеќе од играта. Муриел во 65. минута упатува силен удар, но топката удира во дефанзивците на Сенегал. Во 74. минута, „Лос кафетерос“ доаѓаат до клучно водство, откако дефанзивецот на Барса, Јери Мина е највисок во скокот и го совладува Н’Диаје.
Јапонија, иако требаше да оди на победа против „отпишаната“ Полска за сигурен пласман во осминафиналето, почетокот на натпреварот го препушти целосно на противниците, кои имаа повеќе посед на топката и повеќе шанси.
Јапонците во 12. минута ја имаа првата поопасна шанса откако по нафрлањето на Нагатомо, Оказаки се закани на голот на европската репрезентација. Полјаците вратија во 21. минута, кога Глик се закани со удар со глава, за во 32. минута да ја имаат најголемата шанса. Гросицки удира со глава од десетина метри, а Кавашима ја вади топката од гол-линијата. Полска бара гол, но по проверката на ВАР јасно е дека топката не ја минала гол-линијата.
Полска поведува во 60. минута, откако Беднарек ја матираше одбраната на Јапонците, оставајќи го азискиот клуб во незавидна ситуација да чека резултат од другиот меч. Полска игра далеку подобро отколку на првите два меча, додека Јапонците напаѓаат без многу идеи.