Top Sport

Конечно! Игуаин е фудбалер на Челси, Пјатек презентиран во Милан

Тоа што се најавуваше последните неколку денови, вечерва конечно беше официјализирано – Гонзало Игуаин по само пола сезона заминува од Милан во Челси, додека „росонерите“ ја добиваат полската гол-машина Кшиштоф Пјатек од Џенова. Уште не е официјализран третиот поврзан трансфер, тој на Алваро Мората во Атлетико Мадрид.

Игуаин утрово ги помина медицинските тестови, пред вечерва да се „обедини“ со поранешниот тренер Маурицио Сари и да го добие дресот со број 9 кај „сините“.

„Кога дојде шансата да се биде во Челси, морав да ја искористам. Тоа е тим кој секогаш сум го сакал со многу историја, прекрасен стадион и настапуваат во Премиер лигата, каде што секогаш сакав да играм. Сега се надевам дека ќе вратам за довербата која клубот ја имаше во мене“, вели Игуаин за официјалниот веб-сајт на Челси.

Договорот е направен на следниот начин – Јувентус ја активираа излезната клаузула на Аргентинецот од 90 милиони евра ова лето, и тој беше пратен на позајмица во Милан од 18 милиони евра со 36 милиони евра за откуп на договорот. Сега, Игуаин потпишува шестмесечен договор за позајмица со Челси, откако договорот со Милан е прекинат. Челси ќе можат да потпишат со него постојано за идентични 36 милиони евра.

Во Милан веднаш најдоа замена за Пипита – Кшиштоф Пјатек доаѓа на „Сан Сиро“ во договор вреден 35 милиони евра плус бонуси откако во пола сезона постигна 19 гола во 21 меч за Џенова. 23-годишниот Пјатек беше купен од Краковија за само 4.5 милиони евра во јули, а сега има договор со Милан до 30 јуни 2023 година.

Интересно е што Пјатек „одби“ да го добие дресот со број 9, поради „клетвата“ во која веруваат навивачите на Милан во која ниту еден фудбалер кој го носел овој дрес по Пипо Инзаги не успеал да направи кариера, и Полјакот ќе има дрес со број 19.

Scroll to Top