Пол Погба, конечно, го покажа својот талент во дресот на Манчестер јунајтед, носејќи им на „ѓаволите“ тешко извојувана 2:1 победа на гости кај Фулам за враќање на првото место на табелата во Премиер лигата.
Работите не тргнаа како што треба за тимот на Оле Гунар Солскјер, откако Адемола Лукман уште во петтата минута ги донесе домаќините во водство, но Единсон Кавани во 21. минута врати за израмнување. Како што течеше времето во второто полувреме, Јунајтед се обидуваа да дојдат до гол, но не успеваа против цврстата одбрана на Фулам, пред во 65. минута, од тешка позиција и од огромна далечина, Погба да постигне прекрасен гол за три поени за својот клуб.
Овој гол доаѓа, откако тој јавно се извинуваше за неговата промашена шанса во дербито против Ливерпул (0:0), нешто што наиде на лута реакција кај Солскјер, кој сметаше дека нема потреба за ваков гест.
Јунајтед сега се вратија на првото место со 40 поени, два повеќе од градскиот ривал Манчестер сити (кој пак има натпревар помалку) и од Лестер (со ист број на натпревари). Фулам остануваат во зоната за испаѓање на 18. место со 12 поени, четири помалку од Барнли.