Македонскиот фудбалски претставник во новоформираната Конференциската лига на УЕФА – екипата на Струга Трим Љум го заврши дебитантскиот настап уште во првото квалификациско коло. Попладнево фудбалерите предводени од Срѓан Захариевски убедливо загубија со 4-1 во Скопје од латвискиот преставник Лиепаја.
Иако стружани имаа 1-1 од гостувањето пред 7 дена во Латвија, на СЦ „Петар Милошевски“ на топлото време гостите прикажаа подобар фудбал и се пласираа во следното квалификациско коло.
Најголемата шанса за отворање на резултатот во првото полувреме ја имаа фудбалерите на Лиепаја. Укпа погоди во последните мигови од полувремето за гостинско водство од 1-0.
Стартот на вториот дел за Лиепаја беше уште пофуриозен од првите 45 минути.
На почетокот на вториот дел, во 47 минута на семафорот веќе стоеше 0-2. Стрелец Додо. Домашната екипа се уште се немаше консолидирано, а во 49 минута истиот играч погоди по вторпат за превисоки 0-3 за Лиепаја.
Следуваше поангажирана игра за тимот од Струга, па во 57 минута Скендери по додавањето на Галевски го намали резултатот на 1-3.
Домашниот тим тргна поофанзивно, но следуваше уште еден студен туш. Карклинс во 62 минута погоди за конечни 4-1 за гостинот од Латвија.
Противник на Лиепаја во следното коло ќе биде тимот на ЦСКА Софија.
Инаку, во овие моменти во Молдавија екипата на Силекс од Кратово го игра реваншот против Петрокуб. На првиот меч беше 1-1.
Третиот македонски претставник во ова натпреварување, екипата на Шкупи од 20 часот гостува кај косовски Лапи.
Фото: ФБ – ФК Струга