„Медениот месец“ на Роберт Просинечки на клупата на Босна и Херцеговина не траеше долго. Пред Купот на нации и мечевите со Северна Ирска и Австрија, легендата на југословенскиот и хрватскиот фудбал реши да го исфрли од репрезентацијата стандардниот голман Асмир Беговиќ.
Беговиќ, кој брани во Премиер лигата во тимот на Бурнемаут, има 61 настапи за БиХ последните деет години, но не е на листата на репрезентативци. Ибрахим Шехиќ од Ерзурумспор е првиот голман, а негови резерви се Ведран Ќосевски (Железничар) и Кенан Пириќ (Марибор). Просинечки вели дека не му се допаѓа односот на Беговиќ кон репрезентацијата.
„Кога игравме со Бугарија имаше проблем и не дојде, и реков океј. Потоа на мечот со Јужна Кореја повторно не сакаше да дојде. Не беше лесно да се направи одлука, бидејќи тој е во добра форма, но мора да се почитува редот во репрезантацијата. За мене неговите оправдувања не се значајни. Никој не е сигурен во репрезентацијата“, изјави Просинечки.
Беговиќ врати преку Фејсбук.
„Не се надевав дека по 10 години во репрезентацијата, некој ќе ме избрише без барем да ми се јави и да ми каже каков проблем има. Не заслужив таков однос. Денеска дознав преку медиумите дека не сум во тимот. Јас никогаш не ги бирав натпреварите во кои играв, а двапати барав поштеда. Првпат поради повредата која ја влечам од јануари, а потоа поради приватен проблем. Само го замолив селекторот да не играм и тој го прифати тоа. Се согласувам дека мора да има хиерархија и ред, но не заслужив да бидам претставуван како некој кој бега од дресот“, вели Беговиќ.