На „Сан Сиро“ се најавуваат големи промени во летниот преоден рок. На сите им е јасно дека Милан нема добра сезона. Неочекувано испаднаа од Феенорд во ЛШ, а во исто време на клубот му „виси“пласманот во елитното натпреварување за наредната сезона, додека во Купот на Италија се уште е во трка за пехарот.
Серж Консеисао по елиминацијата од Лигата на шампионите сфати дека мора да го засили тимот во сите линии, а во моментов има пречкртано најмалку пет играчи, кои не сака да бидат во клубот од следната сезона.
Водечките италијански медиуми тврдат дека по завршувањето на сезоната клубот ќе го напуштат: Емерсон Ројал, Фикајо Томори, Самуел Чуквуезе, Рубен Лофтус-Чик и Лука Јовиќ.
Ова не е изненадување со оглед на тоа што гореспоменатите играчи ретко добиваат шанса кај Португалецот.
Она што особено ги загрижува навивачите е тоа што Консеисао е подготвен да размисли за продажба на Тео Ернандез и Рафаел Леао, најголемите ѕвезди на тимот.
Тео има договор до летото 2026 година и моментално нема најави дека клубот ќе му понуди нов договор, па во тој случај ќе биде продаден за да не влезе во последната година од договорот.
На продажба е и Рафаел Леао, но само во случај некој да понуди за него над 80 милиони евра.
Во моментов не се знае дали клубот ќе го купи Жоао Феликс, се споменува дека тој евентуално би можел да ја продолжи позајмицата до летото 2026 година, но доколку не ги оправда очекувањата до крајот на сезоната, Милан ќе го врати во Челзи.