Top Sport

Конте: Како во сите семејства, и во Интер има различни ставови

Тренерот на Интер, Антонио Конте вели дека во 2020/21 ќе биде најважно да се потврди кредибилитетот кој неговиот тим го доби минатата сезона, но најавува дека сезоната ќе биде „многу потешка“.

Лани, во првата сезона на чело на „нераѕурите“, Конте ги предводеше до второто место во Серија А, до полуфиналето на Копа Италија и до финалето во Лига Европа.

„Работиме многу добро и задоволен сум од трите недели кои ги имавме за да се подготвиме. Ова ќе биде тешка сезона, поради тоа што доцна завршивме, а сега почнуваме со желба да бидеме подобри. Амбициите се јасни – да се потврди кредибилитетот од лани, национално и интернационално. Секогаш го даваме максимумот“, вели Конте.

Интер во летниот преоден рок беше доста активен во обид да се доближат до Јувентус, и Конте сега е задоволен од „хармонијата меѓу менаџерите и сопствениците“.

„Имаме искуство во Артуро Видал и Александар Коларов. Од друга страна, Ашраф Хакими има 21 година и ќе биде важно да се развива. Имаме целосна согласност со клубот и стратегија за иднината. Немаше недоразбирања меѓу мене и управата. Имаше споредби, различни гледишта, но како во сите добри семејства, треба да се чујат сите причини, правилни или не. Секогаш бевме искрени“, вели Конте.

Scroll to Top