Top Sport

Конте прво го избрка Перишиќ од Интер, за сега да му е прва желба во Тотенхем

Антонио Конте ќе се обедини со својот поранешен играч во Интер, Иван Перишиќ, откако италијанските и англиските медиуми тврдат дека трансферот е пред реализирање, но нивната соработка кај „нераѕурите“ започна со конфликт и со изјава дека „тој не е човек што му е потребен на мојот тим“.

„Скај спорт Италија“, „Спортиталија“ и „Дејли телеграф“ тврат дека 33-годишниот Хрват ќе ја одбие понудата за нов договор со Интер за да премине во Тотенхем како слободен играч откако лично Конте го побарал неговиот трансфер на состанокот со директорот Фабио Паратичи.

Но, почетокот на соработката не беше најдобар. Конте по пристигнувањето во Интер во јули 2019 година, го прати Перишиќ на позајмица во Баерн Минхен.

„Перишиќ се обиде да направи тоа што го барав од него, но имам негативно чувство и тој не е човек кој му е потребен на мојот тим. Не можам да се пожалам на посветеноста, но мора да се почитуваат некои улоги. Не можете да смените фудбалер, колку и да се обидувате“, изјави тогаш Конте.

Перишиќ ја освои Бундеслигата со Баерн и се врати во Интер во 2020/21 и беше клучен играч за Конте во неговата 3-5-2 формација.

„Го пративме Перишиќ во Баерн бидејќи не беше подготвен да ја врши работата која му ја дадов. Се врати со поинаков менталитет и покажа дека има фантастични карактеристики и мора да има поголемаа самодоверба“, изјави Конте во мај 2021.

Scroll to Top