Антонио Конте тврди дека ќе ја заврши сезоната од Премиерлигата со „само 15 фудбалери“ и најави дека на Тотенхем му се потребни „многу“ засилувања во летниот преоден рок, а очекува Дејан Кулушевски да остане во северен Лондон.
Конте беше именуван за менаџер на Тотенхем во ноември по отказот кој го доби Нуно Еспирито Санто и успеа да го доближи клубот до топ 4 пласман со шанси за пласман во ЛШ, но и со шпекулации дека бара „одврзани раце“ во летниот преоден рок. Запрашан дали на управата на клубот им дал листа на желби, Италијанецот имаше интересен одговор.
„Не, не, не, засега се фокусираме на крајот на сезоната. Ја завршуваме сезоната со само 15 фудбалери и не е прикладно сега да им дадам листа, бидејќи таа ќе биде многу, многу долга“, вели Конте.
Во јануари, Конте успеа да ги донесе Родриго Бентанкур и Кулушевски од Јувентус – Бентанкур беше купен, а Кулушевски пристигна на позајмица со опција за купување за 29 милиони фунти на крајот на позајмицата во 2023 година.
„Мислам дека Кулушевски е на позајмица, но јас сакам конечни договори. Тој е 100 отсто фудбалер на Тотенхем. Можеби не официјално, но за мене е така“, додаде Конте.