Според „Марка“, преговорите помеѓу Антонио Конте и Реал Мадрид „заглавија“ и тешко дека ќе се направи договор со кој Италијанецот ќе го замени Хулен Лопетеги на клупата на „кралскиот клуб“.
Шпекулациите за итна смена на Лопетеги со Конте се засилија последните 24 часа, посебно по 5:1 поразот од Барселона во неделата попладне. Реал имаат само една победа во последните седум меча во сите натпреварувања, но поразот во „Ел класико“ ја прелеа чашата и се очекува отпуштање на Баскиецот, кој дојде во Реал во јуни откако беше отпуштен од селекторската позиција на Шпанија.
Проблемите со преговорите со Конте значат дека тимот може да бара поинакво решение, како Сантијаго Солари и Роберто Мартинез. Белгискиот селектор Мартинез сега е омилено решение во шпанските весници блиски до Реал, откако успе ада ги предводи „ѓаволите“ до трето место на Светското првенство во Русијa со импресивни игри.
Солари, поранешен фудбалер на Реал, пак, во моментов е менаџер на Кастилја, придружниот клуб на Реал Мадрид. Тој би бил тренер веќе во среда на дуелот од Копа дел Реј против Мелилја, иако Лопетеги не се откажува така лесно и се појави на тренингот на клубот ова утро.