Top Sport

Конте: Тотенхем не завршил со засилувања, ќе се бориме за сите титули

Антонио Конте смета дека Тотенхем ќе биде конкурент за четири титули во 2022/23, но посочи дека летниот шопинг во лондонскиот клуб не завршил. Тотенхем ги донесоа Ришарлисон (50 милиони фунти), Ив Бисума (25 милиони фунти), Клемен Ленгле на позајмица од Барселона, и Иван Перишиќ и Фрејзер Форстер како слободни играчи пред враќањето во Лигата на шампиони по тригодишна пауза.

„Кога се има јасна идеја тогаш е полесно да се влезе во преоден рок и да се донесат вистинските играчи. Нашиот план беше јасен, позициите на кои моравме да се засилиме и клубот заврши одлична работа. За секој тренер најважно е бргу да ги добиете засилувањата, за да почнете да работите со нив. Сега ќе видиме, секогаш бараме да го засилиме тимот ако има шанси. Потребен ни е силен тим и според квалитетот и според бројките. Сезоната ќе биде тешка, но играме во четири натпреварувања и во сите одиме на титула. Ќе видиме што ќе се случи“, изјави Конте.

Иако најави борба за сите титули, поранешниот тренер на Јувентус, Интер и Челси побара и време да се извлече максимумот од тимот.

„Кажав и кога пристигнав дека е потребно време и трпение да изградиме нешто важно за овој клуб. Лани беше важно што завршивме во топ 4 бидејќи така се забрза процесот. Амбицијата е да се бориме за сите титули. Знам колку е тешко да се освојува“, додава Италијанецот.

Scroll to Top