Фудбалерите на Интер синоќа ја прекинаа лошата традиција кога гостуваат во Неапол, славеа над Наполи со 3:1 и се вратија на првото место во Серија А. Во интервјуто дадено веднаш по натпреварот тренерот Антонио Конте упатил критики до Фабио Капело и останатите коментатори кои ја критикуваат играта на Интер.
„Некои велеаа дека Лукаку е магаре, дека не знае ништо. Многу работи се изнаслушав изминатите недели, а сега е најлесно да го фалите Лукаку. Секогаш велев дека тој е не избрусен дијамант, истото го мислам и за Мартинез. Тоа се момци од 26 и 22 години, сеуште се млади“, рекол Конте, а потоа ја коментирал изјавата на Капело дека Интер е екипа што игра на контри.
„Слушам коментари дека играме на контра, а ние сме екипа која во секој момент знае што да направи со топката. Велат дека во гости играме бункер, тоа не е менталитет со кој влегуваме во натпреварите. Наполи високо го притиснавме, поради тоа не ги разбирам коментаторите. За среќа нашите противници покажуваат повеќе респект од нив“, заклучил Конте.
Интер во наредната рунда, в сабота, ќе ја пречека Аталанта.