Антонио Конте ја отфрли можноста да ја преземе селекторската позиција на Италија по неуспехот да се квалификуваат на СП во Русија и отказот на Џампјеро Вентура.
48-годишниот менаџер на Челси вели дека е фокусиран на својот тим, иако претходно две години беше селектор на Италија.
„Засега сум фокусиран да ја завршам најдобро работата со Челси и да направам добра структура. Имаме добра база, лани ја освоивме титулата, но не чека многу работа. Чувствата ми се исти како на сите Италијанци. Прво сум многу тажен. Ова е голема пречка за движењето на фудбалот во Италија. По 60 години не одите на СП. Знаете колку е важен фудбалот во Италија. Сите се заинтересирани за фудбалот. Ова не е вина на еден или двајца. Ако не најдете селектор кој ќе може да промени нешто во структурата, тогаш тој не е доволен“, изјави Конте.