Ветеранот на Арсенал, Лорен Косиелни признава дека не му било сеедно кога ги следел вестите дека Франција има „поход“ на светската титула во Русија, откако поради повреда не беше дел од тимот на „триколорите“.
32-годишниот Косиелни се повреди во полуфиналето од Лига Европа против Атлетико Мадрид во мај, со што се стави крај на надежите за настап на СП, и сега зборува за очајот кој го чувствувал.
„Искрено, не гледав многу мечеви, бидејќи работев на рехабилитацијата од 9 часот наутро до 13 часот, а потоа од 16 до 19 часот. Гледав половина час од Франција-Перу и неколку други мечеви. Кога ја освоија титулата, искрено не чуствував ништо посебно, но бев среќен за фудбалерите и за луѓето од стручниот тим. Тие беа обединети и зрели“, вели Косиелни во интервју за весникот „Нис Матан“.
Тој, сепак, присуствуваше во финалето против Хрватска, и тоа на лична покана на францускиот претседател Емануел Макрон.
„Беше убаво, но беше тешко да се радувам. Патувањето беше убаво, но чувството дека не си дел од тимот воопшто не“, додава Косиелни.