Косовската фудбалска федерација и владата на Косово го објавија планот за изградба на новиот национален стадион во Дренас/Глоговац во близината на Приштина.
Оваа година се очекува почетокот на изградбата на стадионот со 30.000 седишта, а подоцна околу него ќе се изградат и хотели, паркови и базени. Претседателот на косовското собрание, Кадри Весељи најави дека ќе го имаат „најубавиот стадион на Балканот“.
„Косово треба да го добие најубавиот стадион на Балканот, а изградбата ќе почне оваа година. Нашата репрезентација прави нешто неверојатно и покажаа дека ако сме посветени можеме да успееме во сè. За да ја добиеме битката за нашиот стадион и борбата против злото“, изјави Весељи.
Косовската фудбалска репрезентација нема пораз од октомври 2017 година импресионирајќи во квалификациите за Европското првенство во 2020 година. Претседателот на Фудбалската федерација на Косово, Агим Адеми вели дека ова ќе биде старт на нова ера на косовскиот фудбал.
„Во моментов го имаме стадионот ’Фадиљ Вокри’ со 12.000 седишта, додека онлајн барањата за билети за репрезентацијата достигнуваат до 100.000. Тоа е доказ дека го сакаме фудбалот“, вели Адеми.