Top Sport

Крај на кризата? Барса доби 267 милиони евра од продажбата за ТВ-правата

Финансиската криза во Барселона можеби е завршена и Чави Ернандез ќе има средства за планираните засилувања ова лето, откако каталонскиот гигант потврди дека склучиле договор со кој ќе добијат 267 милиони евра од продажба на 10 отсто од нивните ТВ-права во Ла лига на глобалната инвестициска компанија „Сикст стрит партнерс“.

Договорот доаѓа откако членовите на клубот на 16 јуни изгласаа дозвола за продажба на 25 отсто од ТВ-правата на еден или повеќе инвеститори, а Барса е подготвена да се „откаже“ и од 49.9 отсто од компанијата „Барса лајсенинг енд мерченајзинг“ (БЛМ), компанијата која е задолжена за продажба на дресови и други лиценцирани објекти со логото на славниот клуб. Барса очекува 600 милиони евра приход со двете продажби.

„Ги активираме економските мерки за да го реализираме нашиот детален, оддржлив и ефикасен план за засилување на финансиската состојба. ‘Сикст стрит’ е докажан поддржувач на фудбалот, искусне инвеститор во медиумите и спортот и партнер кој ќе ни обезбеди значителни ресурси, а во исто време ќе ја задржиме независната работа и операции“, вели претседателот на клубот, Жоан Лапорта.

Лапорта кога се врати по вторпат на позицијата претседател на клубот, наследи долг од 1 милијарда евра од претходникот Жозеп Марија Бартомеу. По ова, седумкратниот освојувач на „Златната топка“, Лионел Меси замина во Пари Сен-Жермен, а Барселона имаше проблем да ги регистрира засилувањата Феран Торес и Пјер-Емерик Обамејанг во јануари.

Scroll to Top