Top Sport

Крај на неверојатната серија на Меси – сурово будење за Интер Мајами

Фудбалерите на Интер Мајами синоќа беа поразени од Синсинати со 3:0, со што заврши импресивниот голгетерски низ на Лионел Меси.

Аргентинецот на пет последователни натпревари постигнуваше по два гола, но Синсинати стави крај на таа серија…

Една од најдобрите екипи во лигата одржа вистинска лекција на тимот од Флорида и се зацврсти на второто место на Источната конференција во МЛС лигата, само еден бод зад Филаделфија Јунион.

Меси имаше четири шанси за гол, но ниту една не ја реализираше. Сепак, останува на делба на првото место на листата на стрелци со 16 голови на 17 натпревари – ист број голови има и Сем Сариџ од Нешвил, но на 21 натпревар.

Интер Мајами има и три натпревари помалку од останатите конкуренти (поради настап на Светското клупско првенство), што му дава шанса да се вмеша во борбата за врвот.

Стрелци за Синсинати беа Херардо Валенсуела во 16. минута и Евандер во 50. и 70. минута.

Интересно е што натпреварот против Синсинати се одигра токму на годишнината од доаѓањето на Меси во САД – историски момент за фудбалот во Америка кој се случи пред две години.

Еден од сопствениците на Интер Мајами, славниот Дејвид Бекам, тогаш свечено го претстави Аргентинецот пред навивачите на стадионот во Флорида и симболично ја отвори новата ера на „сокерот“ во САД.

Денес е познато дека Меси директно придонесе вредноста на франшизата за која настапува да се зголеми за 263%, клубот ја зголеми својата база следбеници на социјалните мрежи за 30 милиони откако пристигна Аргентинецот, а сите сезонски билети – и за минатата и за актуелната сезона – беа распродадени пред почетокот на МЛС лигата.

Меси досега има постигнато 56 голови на 67 одиграни натпревари.

Scroll to Top