Никола Калиниќ е жешката мундијалска тема со која најповеќе се занимаваат хрватските медиуми. Калиниќ по мечот со Нигерија и разговорот со селекторот Златко Далиќ беше отстранет од репрезентацијата.
Далиќ, во финишот на мечот со Нигерија, имал намера да го внесе Калиниќ во игра на местото на Манџукиќ, но играчот на Милан одбил да го стори тоа со образложение дека чувствува болки во грбот.
Хрватските медиуми потоа објавија дека Далиќ му рекол на Калиниќ дека треба да ја напушти репрезентацијата, откривајќи дека и на пријателскиот меч против Бразил, Калиниќ со исто образложение одбил да влезе во игра.
Откако, вчера, Калиниќ се врати во родниот Сплит и ги избегна новинарите, медиумите објавија која е причината за незадоволството на напаѓачот со кое го натерал селекторот да донесе толку радикална одлука.
„Како може тој (Крамариќ) да игра, пред мене?“, го прашал Калиниќ својот селектор.
Далиќ се обидел да му објасни, но напаѓачот не бил премногу заинтересиран да го слуша. Тогаш Далиќ решил дека е подобро Калиниќ да биде отстранет од тимот, бидејќи неговото незадоволство можело да ја наруши добрата атмосфера во соблекувалната.
„Турнирот е долг сите ќе добијат шанса“, рекол Далиќ, меѓутоа Калиниќ не сакал да ја чека својата шанса.