На светот на фудбалот му е потребно Лионел Меси да освои титула од Светското првенство во Русија многу повеќе отколку што на Меси му е потребно да ја зголеми својата слава, вели поранешниот напаѓач на „Албиселесте“, Ернан Креспо.
Меси веќе има место меѓу великаните на фудбалот, но за да биде „најдобар во историјата“, мора да има и интернационален успех, откако имињата како Пеле и Диего Марадона ги инспирираа своите репрезентации со светски титули, и многумина сметаат дека е потребно Меси да го „крене“ нивото за националниот дрес.
Креспо, пак, вели дека Меси нема што да докажува, но дека на фудбалот му е потребно тоа.
„Не мислам дека ниту тоа ќе биде доволно за некои луѓе, така што ништо не се менува. За него и за мојата земја, се надевам дека ќе стане шампион. Јохан Кројф не мораше да го крене трофејот за да биде меѓу најдобрите, на Алфредо ди Стефано исто така. На фудбалот му е потребно Меси да го крене трофејот, а не обратно“, вели Креспо.
Креспо, кој во кариерата имаше 65 настапи и 35 гола за Аргентина, вели дека задачата на селекторот Хорхе Сампаоли околу тоа кој ќе игра покрај Меси не е лесна. Во игра се Серхио Агуеро, Гонзало Игуаин, Пауло Дибала и Мауро Икарди, имиња кои во Европа ги покажаа своите квалитети.
„Сè зависи што сака Сампаоли. Ако сака да игра широко и со нафрлувања, Икарди е најдобар. Ако игра во средината со брзи додавања, тогаш Игуаин и Агуеро се вистинскиот избор. Не го разбирам нашиот идентитет во моментов. Има многу играчи кои би можеле да играат, а само два месеци до шампионатот. Сепак, мислам дека сме конкурентни, иако не би сакал да сум на местото на Сампаоли и да велам кој ќе игра, а кој не“, додава Креспо.
Фото: ЕПА