Тотенхем, најверојатно ќе почека за нов трофеј во англискиот фудбал, откако Кристал палас успеа да ги елиминира од четвртото коло на ФА купот благодарение на 2:0 победата на „Селхарст парк“.
Ова е втора елиминација за Тотенхем за неколку дена, откако беа поразени од Челси на пенали во полуфиналето од англискиот Лига куп. Иако Спарси се во игра и во Лигата на шампионите и разликата на Ливерпул и Манчестер сити на врвот на Премиер лигата е математички достижна, со ова исчезнува реалната шанса за трофеј на тимот на Маурисио Почетино.
Конор Викам им донесе водство на Палас во деветтата минута по една одлична акција на домаќините, а предноста беше удвоена во 34. минута, кога Андрос Таунзенд од пенал зголеми на 2:0. Тотенхем имаше шанса да се врати во мечот во 45. минута кога и на нив им беше досуден пенал, меѓутоа ударот на Киеран Трипиер беше одлично одбранет од Аргентинецот Јулијан Сперони.