Top Sport

Кристијано го победи Меси – за една година заработил 136 милиони долари

Кристијано Роналдо го зазеде првото место на листата на најплатени спортисти во изминатата година според магазинот „Форбс“, заработувајќи фантастични 136 милиони долари, што е рекорд за еден фудбалер.

„Форбс“ објаснува дека заработувачката од спортот ги вклучува сите наградни фондови, бонуси и плати од 1 мај 2022 до 1 мај 2023, додека заработувачката надвор од терените се однесува на спонзорските договори во истиот период.

Иако имаше тешка 2022, по караницата со новиот менаџер на Манчестер јунајтед, Ерик Тен Хаг и слабиот настап на Светското првенство во Катар, каде што беше во конфликт со португалскиот селектор, Фернандо Сантош, Роналдо потпиша мега-догвор со саудискиот Ал-Наср во јануари, каде што му се гарантирани 200 милиони евра. Ова е првпат од 2017 година, Роналдо да е на врвот на листата и третпат во историјата. Од тие 136 милиони долари, тој заработил 46 милиони со договорите со Јунајтед и Ал-Наср, а повеќе од двојно од спонзорските договори.

На второто место на листата е неговиот вечен ривал, Лионел Меси со заработувачка од 130 милиони долари, а топ 3 го комплетира уште еден фудбалер – соиграчот на Меси од Пари Сен-Жермен, Килијан Мбапе со 120 милиони долари.

ТОП 10 НА МАГАЗИНОТ „ФОРБС“ – 1 МАЈ 2022 ДО 1 МАЈ 2023
1.Кристијано Роналдо (Португалија, фудбал), 136 милиони долари
2.Лионел Меси (Аргентина, фудбал), 130 милиони долари
3.Килијан Мбапе (Франција, фудбал), 120 милиони долари
4.Леброн Џејмс (САД, кошарка) 119.5 милиони долари
5.Канело Алварез (Мексико, бокс) 110 милиони долари
6.Дастин Џонсон (САД, голф), 107 милиони долари
7.Фил Микелсон (САД, голф), 106 милиони долари
8.Стеф Кари (САД, кошарка), 100.4 милиони долари
9.Роџер Федерер (Швајцарија, тенис) 95.1 милиони долари
10.Кевин Дурент (САД, кошарка) 89.1 милиони долари

Scroll to Top