Кристијано Роналдо решил да замине од Реал Мадрид минатото лето бидејќи не бил среќен во клубот кој бил подготвен да потроши многу пари на Нејмар, наместо да му даде повисока плата, тврди поранешниот претседател на „Лос бланкос“, Рамон Калдерон.
Роналдо беше ѕвезда на преодниот рок, преминувајќи за нешто повеќе од 100 милиони евра во Јувентус откако уште по освојувањето на титулата од Лигата на шампионите по победата над Ливерпул изјави дека не знае дали сака да остане во Мадрид.
По девет години на „Бернабеу“, Роналдо сметал дека не е доволно ценет во клубот, и според Калдерон главните причини биле парите и Нејмар.
„Кристијано побара повисока плата по освојувањето на титулата од Лигата на шампиони, и претседателот Флорентино Перез го одби. Кристијано се налути бидејќи слушна дека Мадрид е подготвен да плати многу пари за Нејмар. Тогаш Флорентино му кажа ако донесе чек од 100 милиони евра може да си оди, и на крајот така се случи“, вели Калдерон.
Токму Калдерон беше човекот кој го донесе ЦР7 на „Бернабеу“ со трансфер од Манчестер јунајтед.
„Флорентино не прифаќаше дека Роналдо е мое засилување. Јас не можам да кажам дека тој е лош претседател, но не прифати што му оставивме во наследство. Истото се случи со Икер Касилјас, Раул, Арјен Робен и Весли Снајдер“, додава Калдерон.