Откако беше потврдено дека заминува во Јувентус во договор вреден 105 милиони евра, Кристијано Роналдо напиша писмо до фановите на Реал Мадрид.
Во продолжението следува целото писмо на Кристијано.
„Овие години во Реал Мадрид и во градот Мадрид беа најверојатно најсреќните во мојот живот. Имам чувство на огромна благодарност до клубот, до фановите и до градот. Можам само да се заблагодарам на сите вас за љубовта која ја добивав.
Меѓутоа, верувам дека дојде време да започне нова етапа во мојот живот и затоа побарав клубот да го реализира трансферот. Се чувствував така и барам од сите, посебно нашите фанови, да ме разберат. Тие беа прекрасни со мене овие девет години кои беа навистина посебни.
Тоа беше возбудливо време за мене, полно со убави моменти, но и тешко бидејќи во Реал Мадрид секогаш има огромни барања. Никогаш нема да заборавам дека уживав во фудбалот на посебен начин. Имав прекрасни колеги на теренот и во соблекувалната, ја чувствува топлината на неверојатната публика и заедно освоивме три титули од Лигата на шампионите едноподруго и четири во последните пет години. На индивидуално ниво имав задоволство да освојам 4 ’златни топки’ и 3 ’златни копачки’.
Реал Мадрид го освои моето срце, и срцето на моето семејство и затоа најмногу сакам да се заблагодарам: на клубот, на претседателот, на директорите, на соиграчите, на сите тренери, доктори, физиотерапевти и неверојатни луѓе од клубот кои прават сѐ да функционира беспрекорно. Бесконечна благодарност до навивачите и до шпанскиот фудбал.
Овие девет години имав неверојатни фудбалери со мене. Почит и признание до секој од нив. Размислував долго и знам дека дојде време за нов циклус. Заминувам, но овој дрес, овој грб и ’Сантијаго Бернабеу’ ќе продолжат да бидат во моето срце каде и да сум. Благодарам на сите и, секако, како што кажав првпат на овој стадион пред девет години: Hala Madrid!“, напиша Роналдо.
Фото: ЕПА