Top Sport

ТдФ: Втора етапна победа за Гавирија (видео)

Колумбиецот Фернандо Гавирија со импресивен спринт стигна до втората етапна победа на Тур де Франс 2018, по трилер завршница на четвртата етапа пред Петер Саган и Андре Грајпел.

По 195 километри од Ла Бол до Сарзо, следуваше спринтерски финиш на блага нагорнина и со силен ветер во лице. Германскиот ветеран Грајпел стартуваше прв, но Гавирија (Квик Степ) со помош на својот колега Макс Рикезе успеа да го помине Германецот и потоа не му дозволи на светскиот шампион Саган (Бора-Хансгрое) да стигне до втора победа.

Холанѓанецот Дилан Греневеген (Лото-Џамбо) и Германецот Марсел Кител (Катјуша-Алпесин) ги комплетираа топ 5, додека Белгиецот Грег ван Авермет (БМЦ) остана лидер во генерален пласман во ден без многу возбудувања во северозападна Франција.

Незгодна мешаница во средината на главната група на пет километри пред финишот ги „зафати“ конкурентите за титула во генерален пласман, Ригоберто Уран (ЕФ-Драпак) и Илнур Закарин (Катјуша-Алпесин). Уран, кој лани беше втор на ТдФ се врати без проблеми, но Закарин загуби 59 секунди.

Scroll to Top