Top Sport

Кризен состанок за употребата на ВАР-технологијата

ВАР-технологијата од оваа сезона е воведена во англискиот фудбал. Засега таа донесе повеќе лоши отколку добри работи. Мислењата се дека ВАР во Англија не се употребува на вистински начин.

Англичаните, последни од водечките европски национални првенства ја воведоа видео-технологијата. Три месеци по воведувањето неподелени се мислењата дека примената на технологијата од страна на судиите е лоша.

Критичарите тврдат дека ВАР-технологијата ги зголеми судиските грешки бидејќи не се употребува на вистинскиот начин.

Многумина се прашуваат зошто судиите во Премиер лигата, кај спорните одлуки не ги користат мониторите, кои им овозможуваат повторно да ја водат спорната ситуација.

Од почетокот на сезоната неколку судиски одлуки предизвикаа сериозни коментари и расправии.

Дополнителните анализи покажале дека Манчестер сити и Вест Хем биле оштетени за пенал, Њукасл еден гол постигнале од чист офсајд, а играчот на Лестер Јури Тилеманс требало да добие директен црвен картон на натпреварот со Борнмут.

Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, иронично прашал дали неговите играчи треба да глумат во шеснаесетникот за да добијат пенал.

Неговиот колега Јирген Клоп е лут поради ситуацијата по која Манчестер Јунајтед постигнале гол во неодамнешното дерби. Германецот смета дека на почетокот на акцијата неговиот играч бил фаулиран.

„На Јунајтед му е признат голот, тоа само ги покажува бројните проблеми што ги носи ВАР-технологијата“, рекол Клоп.

Интересно во 90 натпревари оваа сезона ниту еден пенал не бил досуден по прегледувањето на снимката, ниту пак судијата отишол да ја провери својата почетна одлука.

Англичаните посочуваат и пример, во Бундес лигата во првите 72 натпревари по прегледувањето на снимката биле досудени 12 пенали.

Поради бројните пропусти оваа недела ќе биде одржан состанок помеѓу челниците на лигата и водечките луѓе во судиската организација.

Scroll to Top