Top Sport

Кудичини: Се плашев од Тјери Анри

Поранешниот голман на Челси, Карло Кудичини признава дека легендарниот напаѓач на Арсенал, Тјери Анри бил толку добар што тој се „тресел“ кога играле против лондонските ривали.

Анри постигна 175 гола во 258 настапи за „топчиите“, а голманите беа неговите најголеми „жртви“, како што се гледа од признанието на Кудичини.

„За мене, едно име од кое не се срамам да кажам дека се плашев беше Тјери Анри. Многу луѓе не сакаат да го користат зборот страв во фудбалот, но навистина мразев кога играв против него. Вистински гениј на толку многу начини, секогаш непредвидлив и тежок за ‘читање’. Таква брзина и интелигенција немаше никој. Тогаш Арсенал и Челси се бореа за првото место на табелата, така што секогаш беше големо дерби, и знаевте дека тој ќе биде загреан“, вели Кудичини.

Кудичини, кој сега се врати во Челси како технички тренер на фудбалерите на позајмица на клубот, го избра Дидие Дрогба за најдобар со кого играл.

„Имав чест и задоволство да играм покрај еден од најдобрите премиерлигашки напаѓачи на сите времиња во Дидие Дрогба. Се соочував со него на секој тренинг и ми беше јасно за каков фудбалер станува збор“, вели Кудичини, кој беше во Челси од 2000 до 2009 година.

Scroll to Top