Top Sport

Куман го „избриша“ Снајдер од холандската репрезентација

Весли Снајдер стави крај на рекордната кариера со холандската репрезентација, потврдувајќи дека нема да игра за новиот селектор, Роналд Куман. Куман го посети Снајдер во Катар за разговори за иднината на репрезентацијата.

„Весли е еден од најдобрите холандски интернационалци во последните години, неверојатен играч со фантастичен пристап кон играта. Меѓутоа, јас сакам да градам нов тим и затоа мора да се направат избори“, вели Куман.

33-годишниот Снајдер вели дека знаел дека има опасност да не биде повикан во репрезентацијата кога во јануари замина од Ница во Ал Гарафа во Катар.

„Сфаќам дека Куман сака да започне нова ера со помлади играчи. Зборувавме пријателски и ја почитувам неговата одлука“, вели Снајдер, за кого холандската федерација подготвува работа по крајот на играчката кариера.

Снајдер минатиот јуни постави рекорд со 131. настап за холандскиот дрес, а неговата кариера заврши со 133. настап во 3:0 победата над Романија во пријателски меч во ноември. Тој дебитираше во репрезентацијата во 2003 година, а во 2010 во Јужна Африка играше во финалето на СП.

Scroll to Top