Филипе Кутињо, еден од бразилските фудбалери кои покажаа најмногу досега на Мундијалот во Русија вели дека едвај го чека дуелот со Србија и со поранешниот ривал од Премиер лигата, Немања Матиќ.
Кутињо и Матиќ имаа доста дуели во Англија, додека Кутињо играше за Ливерпул, а Матиќ за Челси и за Манчестер јунајтед.
„Србија секогаш е незгоден тим и знам дека ќе се борат до крај. Пред турнирот кажав дека целта е да се реши пласманот пред мечот со нив. Но знаеме што да очекуваме. Матиќ е фудбалер кој многу добро го познавам од деновите во Премиер лигата. Нема да биде личен дуел, бидејќи играме во Русија, а не во Ливерпул или Манчестер, но ќе бидам подготвен“, вели Кутињо.
Тој вели дека Бразил ќе биде подобар, посебно откако во првиот меч беа сопрени од Швајцарија (1:1), а во вториот се намачија пред да ја победат Костарика (2:0). Кутињо постигна по еден гол во двата меча.
„Треба да почнеме и со перформанси, не само со победи, за другите тимови да се плашат од Бразил. Не зборуваме за неуспесите, туку за тоа како можеме да бидеме подобри. На СП сите мечеви се големи и не размислуваш многу напред. За мене, тоа што сум тука и што играм за Бразил е остварување на сонот“, додава Кутињо.
Фото: ЕПА