Top Sport

Кутињо: И без Меси сакам да ја победиме Аргентина

Филип Кутињо вели дека не разговара за репрезентативниот фудбал со својот колега од Барселона, Лионел Меси, но додава дека желбата за победа на Бразил над Аргентина следната недела е огромна.

Бразил и Аргентина ќе го продолжат фудбалското ривалство на 16 октомври на меч во Саудиска Арабија, но Меси нема да биде присутен бидејќи зеде „пауза“ од националниот дрес по мачниот настап на СП во Русија. Кутињо вели дека не разговарал со Меси околу тоа дали ќе се врати во националниот тим.

„Меси и јас не разговараме многу за репрезентациите. Но, и без него тој меч ќе биде многу важен, бидејќи се работи за едно од најголемите ривалства во фудбалот. Сакам да ја победам Аргентина без или со Меси во тимот. Победата е на прво место“, вели Кутињо.

Тој додава дека релативно слабата форма на Барса не влијае на неговата подготвеност.

„Барселона е меѓу врвот во Шпанија и во Лигата на шампионите. Секако, не е нормално да имаме четири меча без победа, но ова е почеток на долга сезона и многу работи се пред нас“, додава Кутињо.

Scroll to Top