Милан ја совлада Рома на гости со 0:2 во италијанското дерби во 26. коло, во меч во кој новата ѕвезда на „росонерите“, Патрик Кутроне повторно беше стрелец.
На „Олимпико“ беше без голови во првото полувреме, пред во 48. минута Сусо одлично да го најде Кутроне во шестнасетникот за тој лесно да го совлада Алисон. За Кутроне ова е 14-ти гол во сите натпреварувања оваа сезона.
Победата за Милан ја осигура 21-годишниот Давиде Калабрија, откако ја избегна офсајд-стапицата на Рома по асистенцијата на Никола Калиниќ. Ова е продолжување на сè подобрите игри на „росонерите“ под водство на Џенаро Гатузо, и трета победа во низа со која Милан собра 44 поени на седмото место, шест помалку од Рома, која е петта.
Во исто време, човекот кого Рино го замени на клупата на Милан, Винченцо Монтела во истиот момент доживеа тежок 2:5 пораз со Севилја од Атлетико Мадрид, нешто што италијанските медиуми веднаш го забележаа.