Top Sport

Ла лига ги пријави Сити и ПСЖ до УЕФА за договорите со Халанд и Мбапе

Шефот на шпанската Ла лига, Хавиер Тебас ги оствари заканите и поднесе официјална жалба против Манчестер сити и Пари Сен-Жермен за „постојано“ прекршување на правилата за финансиски ферплеј (ФФП), иритирани од договорите на Ерлинг Халанд со англискиот шампион и одлуката на Килијан Мбапе да ги одбие Реал Мадрид и да остане во Париз со богат договор.

Ла лига откри дека веќе поднеле една жалба против Сити во април, по што следуваше и жалбата против ПСЖ посочувајќи дека двата клуба имаат „нерегуларно“ финансирање и нивните скапи одлуки ги прекршуваат правилата на УЕФА и влијаат на сите европски клубови и лиги. Тие исто така ја цитираат позицијата на претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи како прекршување на правилата за конфликт на интереси, бидејќи тој е и претседател на Европската асоцијација на клубови (ЕЦА) и делегат во извршниот комитет на УЕФА.

„Ла лига оваа недела се жалеше кај УЕФА против ПСЖ, која се приклучува на жалбата против Манчестер сити во април, бидејќи двата клуба постојано ги прекршуваат сегашните правила за финансиски ферплеј. За Ла лига ова е во спротивност за целта за самоодржливост во фудбалот и штети на сите европски клубови и лиги со вештачко ‘пумпање’ на цените на пазарот без генерирање пари во самиот фудбал. Парите доаѓаат со директни инвестиции или преку спонзорски договори кои немаат економска смисла. Покрај тоа, Ла лига контактираше со правни компании во Франција и Швајцарија, со цел да се поднесат легални акции пред француските власти и пред властите на ЕУ“, се вели во објавата на Ла лига.

Сити и ПСЖ во минатото беа дел од истрагите на УЕФА за прекршување на финансискиот ферплеј. Во 2014 година, двата клуба беа санкционирани со финансиски казни и ограничување на трансферите. Сити, пак, беше и исфрлен од европските натпреварувања, пред успешно да се жали пред Судот за арбитража во спортот (ЦАС).

Scroll to Top