Top Sport

Лацио со „подарок“ победа во римското дерби

Лацио стигна до минимална, но екстремно значајна победа во „Дерби дела капитале“, големото дерби на италијанската престолнина, за искачување на третото место на табелата во Серија А.

И покрај тоа што беа без повредениот капитен Чиро Имобиле и „моторот“ во средината на теренот Сергеј Милинковиќ-Савиќ поради жолти картони, Лацио добија „подарок“ гол во првото полувреме, по што тактиката на Маурицио Сари успеа да го „умртви“ нападот на „волчицата“ за победа за кревање на моралот по разочарувачкиот 1:3 пораз од Салернитана.

Клучниот момент на мечот се случи во 29. минута, кога одбраната на Лацио се однесуваше лежерно, а Педро ја украде топката и му асистираше на Фелипе Андерсон, кому не му беше тешко да го совлада Руи Патрисио. Рома, посебно во второто полувреме, имаше повеќе од играта, но без вистинска реализација. Секако, карактеристично за дербито, имаше и „искри“, како во 87. минута кога романскиот ветеран на Лацио, Стефан Раду, кој беше на клупата, одби да му ја даде топката на голманот на Рома, Руи Патрисио предизвикувајќи мешаница во која учествуваа речиси сите играчи, на теренот и од клупата.

Со трите поени, Лацио скокнува на третото место на табелата со 27 поени, колку што има и четвртопласираната Аталанта и два зад Милан, додека Рома остануваат на петтото место со 25 поени.


Standings provided by Sofascore

Scroll to Top